Отворен ден и средби со граѓани во Уставниот суд
- Во Уставниот суд денеска се одржа Отворен ден за граѓаните, по втор пат, во рамки на иницијативата за поголема транспарентност и директна комуникација со јавноста.
Скопје, 9 април 2026 (МИА) - Во Уставниот суд денеска се одржа Отворен ден за граѓаните, по втор пат, во рамки на иницијативата за поголема транспарентност и директна комуникација со јавноста.
Претседателот на судот, Дарко Костадиновски, како што информираат, остварил средби со десетици граѓани кои пројавиле интерес за работата и надлежностите на институцијата.
-Граѓаните се интересираа и бараа информации во врска со предмети од јавен интерес, како и појаснувања за текот на постапките пред судот и начинот на одлучување. Во разговорите беа отворени теми поврзани со заштитата на човековите права и можностите што им стојат на располагање на граѓаните пред Уставниот суд – информираат од Уставен.
На Отворениот ден присуствувала и група студенти од Правниот факултет во Скопје, кои, како што информираат, покажале особен интерес за уставно-судската заштита, надлежностите на судот и практичните аспекти на одлучувањето. Тие имале можност непосредно да се запознаат со улогата на судот во правниот систем и значењето на уставно-судската контрола.
Уставниот суд, како што информираат, со ваквите средби продолжува да ја унапредува својата отвореност и пристапност, овозможувајќи им на граѓаните директен увид во своето работење и јакнејќи ја довербата во институцијата. аа/вј/
Фото: Уставен суд